Connect with us

Кошарка

Дончиќ се повреди, Леброн на 63 поени од легендата (ВИДЕО)

Повредата на Лука Дончиќ и продолжувањето на потерата на Леброн Џејмс по рекордот на Карим Абдул-Џабар ја одбележаа изминатата ноќ во НБА. Далас на домашен терен го победи Њу Орлеанс со 111:106 и му го нанесе десеттиот последователен пораз. Тимот од Тексас водеше со 84:56 во средината на третиот период, кога теренот го напушти словенечкиот играч Лука Дончиќ поради повреда на петицата.

Гостите успеаја да се доближат до крајот, но не и да победат. Дончиќ постигна 31 поен за домашниот тим, заедно со осум скока и четири асистенции, Спенсер Динвиди постигна 21 поен, а Џош Грин постигна 15 поени. Најдобар учинок во гостинскиот тим имаше Брендон Инграм со 26 поени, девет скока и седум асистенции. Си Џеј МекКалум додаде 19 поени, заедно со осум асистенции, додека Јонас Валанчиунас имаше дабл-дабл со 16 поени и 13 скока. Далас е четврти на Западот со скор 28/25, а Њу Орлеанс е на десеттото место со 26 победи и 27 порази.

Лос Анџелес Лејкерс ја победи Индијана на гости со 112:111, а клучниот поен го постигна Ентони Дејвис на 35,3 секунди до крајот. На почетокот на последната четвртина Индијана водеше со плус 14 (98:84), но Лејкерси подоцна направија пресврт и го остварија вториот врзан триумф. Дабл-дабл кај гостите имаше Дејвис со 31 поен и 14 скока, а Леброн Џејмс постигна 26 поени и по седум скока и асистенции.

На Џејмс сега му недостасуваат 63 поени за да го израмни рекордот на Карим Абдул-Џабар во НБА-лигата (38.387). Во домашниот тим, Тајрис Халибартон оствари дабл-дабл со 26 поени и 12 асистенции, Арон Нејсмит додаде 24 поени, а Мајлс Тарнер забележа дабл-дабл со 20 поени и 13 скока.

НБА резултати четврток кон петок
Индијана – ЛА Лејкерс 111:112
Кливленд – Мемфис 128.113
Њу Јорк – Мајами 106:104
Чикаго – Шарлот 114:98
Далас – Њу Орлеанс 111:106
Денвер – Голден Стејт 134:117
Милвоки – ЛА Клиперс 106:105