Connect with us

Кошарка

Ентони Дејвис се откажа од опцијата во неговиот договор

Лос Анџелес, 15 октомври 2020 (МИА) – Една од двете суперsвезди во составот на новиот шампион на НБА, Лос Анџелес Лејкерс – тешкото крило Ентони Дејвис, ќе ја одбие опцијата за последната година од договорот, објави авторитетниот НБА инсајдер од „Атлетик“, Шамс Чаранија. Опцијата е вредна 28,7 милиони долари. Дејвис планира да потпише нов договор со Лејкерс, но во следните недели тој и неговиот агент Рич Пол ќе одлучат кој тип на договор најмногу му одговара на 27-годишниот кошаркар.

Една опција за Дејвис е да потпише договор на 1 + 1 година (вкупно вреден 68,1 милиони долари), што ќе му даде можност повторно да стане слободен агент во 2021 година. Друга опција за суперѕвездата е да потпише договор за 2 + 1 години, што би му овозможило да стане слободен агент во 2022 година. Тогаш тој ќе има статус што ќе му овозможи да потпише 5-годишен договор вреден вкупно 253,75 милиони долари, доколку плафонот за платите на тимот е 125 милиони долари во 2022 година.

Дејвис придонесе најмногу за првата НБА-титула на Лејкерс по 10 години, која тимот од Калифорнија ја освои по победата над Мајами Хит во финалето со 4-2.