Тајмаут
Еуфорија во Мароко пред полуфиналето со Франција – пуштени дополнителни 30 летови за Катар
Националната авиокомпанија на Мароко, Royal Air Morocco, одлучи да пушти околу 30 специјални летови од Казабланка до Доха во вторник и среда за да ги однесе сите симпатизери на фудбалската репрезентација кои сакаат да го следат во живо полуфиналето на Светското првенство во Катар против Франција. Ова го пренесе агенцијата „Франс прес“.
„За да им се овозможи на многуте Мароканци кои сакаат да ја поддржат репрезентацијата во нејзиниот еп и да ги искусат емоциите од полуфиналето на Светското првенство, Royal Air Morocco ќе направи воздушен мост меѓу Казабланка и Доха“, се вели во соопштението на компанијата.
„На историскиот натпревар, историска услуга“, се пофали авиокомпанијата, мислејќи на тоа дека Мароко стана првата репрезентација од Африка во историјата што стигнала до полуфинале на Светското првенство.
Големите авиони ќе полетаат од аеродромот Мохамед V во најнаселениот град во Мароко, Казабланка.
Во Доха, тренерот Валид Реграги неколку пати и оддаде почит на публиката, нарекувајќи ја „12-тиот играч на тимот“.
„Репрезентацијата треба да ги обедини сите Мароканци. Во еден момент бевме поделени. Ако можеме да ги собереме нашите луѓе поради фудбалот, тоа ќе биде добро“, коментира Реграги.