Фудбал
Француската министерка за спорт за Мартинез: Тоа е вулгарно и патетично
Тренерот на Кристал Палас, Патрик Виеира го нарече „глупаво“ славјето на голманот на Астон Вила, Емилијано Мартинез на Мундијалот и истакна дека тоа ја оцрни победата на Аргентина во финалето на Светското првенство во Катар.
„Сликите на голманот што ги видов малку го расипаа она што Аргентина го постигна на Светското првенство. Мислам дека немаше потреба од тоа. Понекогаш не можете да ги контролирате емоциите, но мислам дека Мартинез направи нешто глупаво на церемонијата“, изјави Виеира, кој и самиот беше светски шампион со Франција во 1998 година.
По победата на Аргентина во финалето на Светското првенство против Франција, Мартинез направи непристоен гест со Златната ракавица што му беше доделена како најдобар голман на турнирот. Неколку пати го исмејуваше и францускиот напаѓач Килијан Мбапе.
За време на победничката парада во Буенос Аирес, Мартинез беше виден како држи кукла која претставува бебе, чие лице беше покриено со фотографија на Мбапе, кој постигна три гола во финалето. Мартинез ќе се врати во својот клуб следната недела, а менаџерот на Астон Вила, Унаи Емери, најави дека има намера да разговара со голманот за неговото контроверзно однесување.
Француската министерка за спорт Амели Удеа-Кастера беше многу поостра за однесувањето на Мартинез.
„Сметам дека е патетично. Тоа е вулгарно, патетично, непримерно и несоодветно“, рече министерот, додавајќи дека Мартинез „не се истакнал како победник, туку се однесувал доста лошо“.