Connect with us

Фудбал

Фудбалери кои го проколнуваат денот кога потпишаа за Реал Мадрид

Кралскиот клуб има извадено многу фудбалери кои носејќи го белиот дрес го достигна врвот во својата кариера, но имаше и такви кои веќе како афирмирани ѕвезди стигнаа на „Сантијаго Бернабеу“, каде и не се прославија.

Нема млад играч во светот кој не сонува еден ден да заигра за најсилните клубови во кој се вбројува и актуелниот европски шампион, тимот на Реал од Мадрид.

Кралскиот клуб има извадено многу фудбалери кои носејќи го белиот дрес го достигна врвот во својата кариера, но имаше и такви кои веќе како афирмирани ѕвезди стигнаа на „Сантијаго Бернабеу“, каде и не се прославија.

Асиер Илараменди во 2013 година пристигна на „Сантијаго Бернабеу” како замена за Лука Модриќ, кој не се снајде најдобро во кралскиот клуб само во првата сезона. Но подоцна хрватскиот репрезентативец беше носител на играта на оваа екипа. Реал Сосиедад за услугите на Иларименди доби 28,6 милиони евра, но брзо се врати во својот матичен клуб за кого настапува и денеска.

Џонатан Вудгејт цела кариера се соочуваше со повреди и никогаш не успеа да го покаже талентот кој го поседува. Тој е еден од ретките Англичани кои ја имаа таа чест да заиграат за Реал Мадрид, каде стигна од редовите на Њукасл по примерот на Сантијаго Муњез, ликот од прочуениот филм „Гол“.
Повредата која ја доби во својот последен натпревар за Њукасл пред да се пресели на Сантијаго Бернабеу, најдобро ја отсликува неговата куса авантура во Мадрид.

Томас Гравесен – данскиот фудбалер е во групата на оние играчи кои не се двоумеа да влезат во клинч дури и со своите соиграчи, а за противничките и да не зборуваме.  Познати се неговите чести расправии со Робињо и Бекам, а можеби недостатокот на самоконтрола го чинеше брзо да ја заврши авантурата во кралскиот клуб.

Нури Шахин беше прв мотор на генерацијата на Клоп во Дортмунд која ја покори Бундеслигата во 2011 и 2012 година, а тие партии беа најдобра препорака за Жозе Мурињо да го доведе во своите редови. Меѓутоа, во целиот негов престој на „Сантијаго Бернабеу” само четири пати успеа да го облече дресот на Реал.  Подоцна се воспостави дека повредите ја одбележале неговата кариера, па поранешниот турски репрезентативец продолжи да „лута” по Европа и играше за Ливерпул и Феенорд за во 2014 година да се врати во Борусија, тим во кој ја заврши својата професионална кариера.

Дренте – на Холанѓанецот му се предвидуваше одлична фудбалска кариера, а во Реал Мадрид имаше и пристојна минутажа. Сепак, на крајот не успеа да го издржи преголемиот притисок кој го носи со себе дресот на кралскиот клуб. По половина година без клуб во 2012 година замина во рускиот Анжи, за потоа од Русија како слободен играч да стигне во редовите на англискиот Ридинг. Потоа следеше трансфер во турскиот Ерчиеспорт и Банијс од Обединетите Арапски Емирати во 2016 година, кога направи и привремен прекин на кариерата. Меѓутоа по година дена се врати во фудбалот, играјќи за холандскиот нисколигаш Херхес, за ова лето да потпише за Спарта од Ротердам.

Мајкл Овен – освојувачот на Златната топка од 2001 година, беше сензација откако оваа награда му припадна во конкуренција на Раул, Бекам, Тоти и Анри. Нема сомнение дека Англичанецот своите најдобри денови ги мина во Ливерпул за кого даде 118 голови на 216 натпревари. Во Реал за само една сезона постигна 13 гола, но заради несогласувањето со управата која истата година ангажираше уште тројца тренери, одлучи да се врати во Англија и да заигра за Манчестер Јунајтед, што не им се допадна многу на навивачите на Ливерпул.

Клас Јан Хунтелар – за оваа холандска машина за голови може да се каже дека „решеташе“ во секој клуб за кој играше, но не и за кралскиот клуб. По 76 голови за само две години во тимот на Ајакс, следеше долгонајавуваниот трансфер во тимот на Реал, каде по само една сезона во која постигна осум гола беше продаден на Милан што наиде на чудење на многу аналитичари. На Сан Сиро не се наигра, а на деновите поминати во Ајакс најмногу потсети со играта во Шалке пред повторно да се врати во редовите на матичниот клуб за кој настапува и денеска.

Кака – е последниот освојувач на Златната топка пред ерата на Португалецот Кристијано Роналдо и Лионел Меси кои се недопирливи во трката за оваа награда од 2007 година. Многу фактори влијаеја Реал Мадрид да не му остане во добро сеќавање на Бразилецот, а повредите најмногу кумуваа на тоа. Тој во летото 2009 година стигна во голем пакет заедно со Роналдо и Карим Бензема од кои се очекуваа да го вратат стариот блесок на клубот.
Може да се рече дека единствено Кака од нив тројца не се прослави со оглед на другите двајца во годините кои доаѓаат до пехарот во Лигата на шампионите. Некои негови неуспеси во Мадрид се поистоветуваат со тоа дека Кака бил во сенка на Кристијано Роналдо и затоа неговиот талент не дошол до израз. Потоа следеше враќање во Милан, а потоа и дома во Сао Паоло, пред да ја заврши кариерата минатата година во американскиот тим Орландо.