Фудбал
Фудбалерите ги бараат платите, во Палермо инсистираат дека ќе играат во Серија Б
Првиот човек на Палермо, Салваторе Тутоломондо продолжува да инсистира дека неговиот тим ќе се регистрира и ќе игра во Серија Б следната сезона и ќе ги исплати сите побарувања на фудбалерите, меѓу кои се и нашите репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски.
Клубот од Сицилија се најде во незавидна позиција откако не успеа да добие финансиски гаранции до крајниот рок за пријавување во втората лига, тврдејќи дека брокерот кој требал да ги реши документите преку бугарска осигурителна компанија ги измамил.
Финансискиот директор Тутоломондо вели дека и покрај нерегистрирањето, неисплатените плати за фудбалерите и казната од 500.000 евра, работите „ќе се средат“.
„Палермо ќе се регистрира за Серија Б. Бевме жртви на измама и поднесовме тужба да се заштитиме. Платите не се исплатени поради таа ситуација која не е во наша контрола. Парите се тука. Првата цел е да докажеме дека треба да играме во Серија Б, но не на фановите и на медиумите“, вели Тутоломондо.
Фудбалерите очигледно не се задоволни од ова објаснување, бидејќи официјално поднесоа тужба да ги добијат платите.
„Тимовите, како и сите доверители ќе бидат задоволени. Ние сме сопствениците на Палермо и ќе ги исполниме сите обврски“, додава Тутоломондо.
.