Фудбал
Гризман: Одлуката ќе ја соопштам пред Мундијалот во Русија
Гласините околу евентуалниот трансфер на Антоан Гризман од Атлетико Мадрид се најинтересни во овој период, особено ако се има предвид фактот дека за францускиот фудбалер интерес пројави Барселона, а од друга страна тој се уште не може да донесе одлука дали да остане или да го напушти сегашниот клуб.
Гризман сезонава постигна 29 гола за Атлетико во сите натпреварувања и е еден од најзаслужните за освојувањето на Лига Европа, откако во финалето против Олимпик Марсеј постигна два од трите гола.
Барселона е подготвена да ја активира откупната клаузула од 100 милиони евра, додека Атлетико за да го задржи во тимот му нуди 20 милиони евра годишна плата.
Дополнителна неизвесност внесува и неодлучноста на францускиот фудбалер, кој изјави дека во следниот период ќе соопшти каде ќе ја продолжи кариерата.
– Дефинитивно пред почетокот на Светското првенство ќе ги откријам плановите околу мојата иднина, истакна Гризман по синоќешниот натпревар меѓу Франција и Италија во Ница.
Франција ја совлада Италија со 3:1, а Гризман го постигна вториот гол за својот тим од пенал во 29 минута.