Connect with us

Фудбал

Гвардиола и Анчелоти го одбија Бразил – Сега во игра се двајца одлични тренери!

Репрезентацијата на Бразил според многумина беше првиот фаворит за освојување на Светското првенство во Катар, но „кариоките“ загубија од Хрватска веќе во четвртфиналето.

Еснафот го плати својот сега веќе поранешен тренер Тите, кој по неуспехот го напушти јужноамериканскиот вицешампион.

Бразилската федерација е во потрага по нов селектор. Тие веќе стапиле во контакт со двајца великани, менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола и тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, но одговорот бил негативен.

Така во Бразил се свртеа кон други опции, не помалку „бомбастични“. Во прашање се Португалецот Жозе Мурињо и неодамнешниот селектор на Шпанија, Луис Енрике.

Италијанскиот весник „Република“ ја објави сторијата за евентуалното доаѓање на Мурињо на клупата на „кариоките“. Наводно, тренерот на Рома прво бил контактиран од Фудбалскиот сојуз на Португалија, но трофејниот стручњак не и одговорил потврдно на татковината.

Мурињо сигурно ќе остане во Рома до крајот на годината, а одговорот на Бразилците треба да им го соопшти до крајот на јануари следната година.

Од друга страна, медиумите во Бразил ја пренесоа приказната дека Луис Енрике би можел да стане селектор на Бразил. Енрике не се снајде најдобро на Светското првенство во Катар, неговата Шпанија беше елиминирана во осминафиналето од Мароко, а европскиот шампион со Барселона во 2015 година ја заврши мисијата во својата татковина.