Фудбал
Гвардиола: Треба да го направиме следниот чекор напред во Лигата на шампионите
Манчестер, 20 октомври 2020 (МИА) – Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола ја даде својата прва прес-конференција пред почетокот на новата сезона во групната фаза од Лигата на шампионите.
„Граѓаните“, кои беа елиминирани во четвртфиналната фаза од трката минатата сезона, ќе започнат утре против Порто.
– Секоја сезона во Лигата на шампионите започнува со истото прашање. Го знаете одговорот. Ова е само прв натпревар. Сè уште сме многу далеку од нашите големи цели. Утре мора да победиме. Домашните натпревари се многу важни. Тогаш ќе видиме како се развива тимот, започна Каталонецот.
Тој се наврати и на поразот на Лион од минатата сезона и посочи дека чуствува одговорност за него.
– Поразот од Лион беше тежок момент. Се чувствувам одговорен. Мора да ја прифатиме реалноста дека не бевме доволно добри. Не игравме лошо, имавме добри моменти и имавме свои шанси, но направивме грешки што не можеме да си ги дозволиме на овој турнир. Чувствувам дека бевме близу, но во исто време направивме и некои грешки што не направија да заслужиме да продолжиме. Мислам дека немаме психолошки проблем. Полесно е за клубовите кои се навикнати да играат во доцна фаза на турнирот. Треба да го направиме следниот чекор напред во Лигата на шампионите. Сега имаме нова можност. На овој турнир мора да ги правите работите малку поинаку. Дури и кога загубивме со 0-3 од Ливерпул, а потоа и од Тотенхем или Лион, не бевме далеку. Ниту еден од овие тимови не беше подобар од нас, но ние мора да ги исправиме овие мали пропусти, изјави Пеп.