Фудбал
Хаос во Манчестер Јунајтед, Роналдо ја смирувал ситуацијата
Дел од англиските медиуми пишуваат дека Манчестер Јунајтед е во сериозна криза, не само резултатска, туку и внатре, помеѓу фудбалерите и стручниот штаб. Наводно Кристијано Роналдо се обидува да ја смири целата ситуација. Иако и претходно работите не биле како што треба, сепак по убедливиот пораз од Ливерпул со 5:0, фудбалерите ја загубиле довербата во Оле Гунар Солскјер. Наводно Роналдо ги убедувал играчите да останат смирени и да продолжат да веруваат во тренерот и неговата тактика.
Една од ситуациите поради кои играчите биле зачудени е Лингард, кој игра во добра форма, но не добива поголема минутажа, како и Дони Ван де Бек, за кој неговите колеги сметаат дека покажува одлични перформанси за време на тренинзите, но Солскјер воопшто не го пушта во игра.
Англиските медиуми воедно додаваат дека Солскјер ќе има шанса против Тотенхем да го поправи впечатокот, а доколку не го стори тоа, тогаш речиси сигурно дека ќе биде сменет. Наводно веќе се почнати и контакти со Антонио Конте, кој во моментов е без ангажман, откако го раскина договорот со Интер.