Connect with us

Фудбал

Холандски фудбалер стана Русин со цел да избегне судење за обид за убиство

Квинси Промес, холандскиот фудбалер кој настапува за Спартак Москва, влезе во процедура за добивање руско државјанство.

30-годишниот го започна процесот на „вадење документи“, барањето го доставил неговиот клуб, пренесува „АТ5“ повикувајќи се на пишувањата на руските медиуми, а наводно фудбалерот има добри шанси да добие пасош.

Се сомнева дека холандскиот интернационалец тоа го прави за да избегне судска постапка, која против него се води за обид за убиство. Причината за оваа теза лежи во фактот што Русија не ги екстрадира своите граѓани во други земји.

Во Холандија е во тек кривична постапка против Промес, кој е осомничен за обид за убиство на својот братучед, а тој ќе треба да се појави на суд на 3 март. Наводно, на една прослава во 2020 година, Промес со нож му нанел тешки повреди на роднина и за тоа дело е осуден на затворска казна до три години.

За време на сослушувањето во октомври, адвокатот на фудбалерот рече дека се надева дека неговиот клиент ќе присуствува на судењето.

Рускиот фудбалски новинар Иван Карпов истакна дека натурализацијата на Промес треба да помине без проблеми.

„Промес е подолго време во Русија, каде се чувствува како дома. Но, руското државјанство би го заштитило и од евентуален прогон во неговата татковина“, напишал рускиот новинар.