Други спортови
И вечерва ќе гледаме ЛШ на ТВ, исклучувањето и целосниот мрак барем за момент пролонгирани?!
По изјавите на Здружението на информатичко-комуникациски технологии вчера дека едногласно имаат одлучено да го прекинат реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори, за што се обединети сите оператори, денеска со реакција излезе Македонската медиумската асоцијација. Претседателот на Асоцијацијата, Атанас Кировски, рече дека операторите покажуваат ниска општествена одговорност со ваквите апсурдни најави, уште повеќе сега кога Владата бара од медиумите да известуваат за коронавирусот или за добивањето датум.
Тој верува дека операторите ќе ја разгледаат нивната одлука и дека државните институции ќе интервенираат. Кировски го обвини директорот на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски, за манипулативни изјави и дека главен причинител за овој проблем бидејќи не направил ништо за да се реши оваа прашање, затоа побара негова оставка.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, денеска ги поканил сите кабелски оператори за да разговараат и да најдат заедничко решение.
На одговорност повика и претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, која порача дека операторите имаат склучено договори со компаниите и граѓаните од кои произлегуваат права и обврски и тие треба да се почитуваат.
-Закани за информативен мрак се недозволиви, поточно потребно е да се почитуваат законите и воспоставените договори во рамки на облигациските односи. Сите зависиме од информациите кои се неопходни во деловното работење и затоа за еднострано раскинување или ад хок измени на договорите од страна на операторите, сите треба да се свесни дека ќе имаат реперкусии. Деловната заедница апелира дека треба да се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост како и регулативата да се почитува и спроведува неселективно, истакна Арсовска.

Операторите остануваат на ставот, дека доколку не се реши проблемот, ќе престанат да ги реемитуваат сите програми и ТВ, освен МРТВ. Воедно најавија дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот кој е донесен по брза постапка на последниот ден пред распиштањето на Собранието, со кој се предвидува и тие, освен телевизиите, кривично да одговараат за кршењето на авторските права. На ова се противат операторите, кои велат дека тие само ја пренесуваат содржината и не сакаат да одговараат за такво нешто.