Connect with us

Фудбал

Иско: Ќе биде тешко, зад нив стои цела држава

Шпанија на вчерашниот натпревар во два наврати губеше против Мароко, но на крајот извлече реми и во последното коло од групната фаза го обезбеди првото во групата Б, благодарение и на ремито на Иран и Португалија.

„Црвената фурија“ не покажа добра игра ни на овој дуел, а една од ретките светли точки беше Иско. Фудбалерот од средниот ред на Реал го постигна првиот гол за својата селекција, а одигра и одлични 90 минути.

Благодарение на голот на Аспас во првата минута од судиското надополнување за конечни 2:2, Шпанија го обезбеди првото место во групата, па во осмина финалето ќе игра против селекцијата на домаќинот – Русија.

Меѓутоа, Иско кажа дека треба да бидат внимателни, а судејќи спрема досегашните игри на „Црвената фурија“ јасно е дека ги чека тешка задача.

„Мило ми е што Шпанија е прва во групата. Не сме еуфорични, но сме среќни што се пласиравме во наредната фаза. Верувам во овој тим и верувам дека ќе бидеме подобри од првиот натпревар на Мундијалот. Сепак, се уште ништо немаме постигнато“, истакна Иско после натпреварот против Мароко, па се осврна на тешкото изборено реми:

„Ова беше тежок натпревар, не бевме добро поврзани на теренот. Требаше многу порано да решиме се. Второто полувреме е навистина тешко, требаше работите да ги контролираме повеќе низ поседот на топката.“

„Русија? Тоа сигурно ќе биде тежок натпревар, нив ги поддржува цела држава. Играа добро во групната фаза… Ќе мора да играме навистина добро и да правиме што помалку грешки“, додаде Иско.