Connect with us

Други спортови

Ивановски: Пресреќен сум што ќе играм на АТП Челинџерот во Скопје

Во македонската престолнина по 23 години повторно се организира тениски турнир од високо ниво. Од денес до сабота на терените на ТК Југ ќе се игра „Macedonian Open 2023“ АТП Челинџер 75 – светски турнир за мажи.

Ова е единствен АТП челинџер периодов во светот кој се поклопува со квалификациите за „Ролан Гарос“. Поради тоа во Скопје се дојдени најдобрите десет млади тенисери во светот помеѓу нив и Македонецот Калин Ивановски кој живее во Загреб.

-Пресреќен сум што ќе играм на еден ваков силен турнир овде во Скопје. Ќе дадам се од себе за што подобар резултат. Знам голем број од учесниците. Апелирам до љубителите на тенисот во што поголем број да дојдат и да ми дадат поддршка. Играњето пред домашната публика е мотив плус за подобар резултат, изјави Ивановски.

Прв противник на единствениот македонски тенисер во сингл конкуренција ќе биде Дино Призмиќ од Хрватска, утре околу 13 часот.

Влезот за сите мечеви на турнирот е бесплатен. Амбициите на Македонската тениска федерација е АТП челинџерот да го задржи овој датум и во иднина со цел младите играчи да играат без потреба за вајлд-карта, бидејќи на другите турнири во светот немаат можност за учество без посебна покана.

Наградниот фонд на Челинџер АТП тур Скопје 2023 изнесува 80 илјади долари, а победникот ќе добие 75 поени.

Facebook