Connect with us

Фудбал

Изненадувачки повици во репрезентацијата на Бразил два месеци пред Светското првенство во 2022 година

Дефанзивецот на Рома, Роџер Ибанез и напаѓачот на Фламенго, Педро, првпат се повикани во репрезентацијата на Бразил за претстојните пријателски натпревари со Гана и Тунис кон крајот на септември.

Тренерот Тите ја повика и новата аквизиција на Јувентус, Глисон Бремер, кој исто така ќе дебитира за „златните луѓе“.

Ибанез го одигра целиот натпревар во четвртокот за Рома во поразот од Лудогорец со 2-1, но не импресионираше со својот настап и беше многу виновен за двата гола што ги примија гостите од Рим. Во исто време, Педро е едно од најжешките имиња во Јужна Америка откако ја предводи листата на стрелци во Копа Либертадорес со 12 гола.

На сметка на Педро од составот на Бразил отпадна напаѓачот на Арсенал, Габриел Жесус. Во составот не беа вклучени и ветеранот Дани Алвеш и играчот од средниот ред на Астон Вила, Филипе Кутињо.

Натпреварите против Гана и Тунис ќе се играат во Франција на 23 и 27 септември и ќе бидат проба пред Светското првенство во Катар во ноември и декември. Бразил на Мундијалот е во групата „Г“ заедно со селекциите на Србија, Швајцарија и Камерун.