Фудбал
Клоп: Да го оставев Ловрен на клупата, луѓето уште повеќе ќе „мудруваа“
Ливерпул го заврши настапот на ФА Купот во третото коло, каде синоќа беше елиминиран од Вулверхемптон кој славеше со 2:1
„Редсите“ по втор пат во пет дена беа поразени – првиот пат од Сити во првенството, а вториот пат од Вулверхемптон во ФА Купот.
Ливерпул во синоќешниот натпревар влезе со комбиниран состав, а во однос на натпреварот со Сити од првата минута почнаа Милнер и Ловрен, но Хрватот се повреди веднаш на стартот на натпреварот и беше заменет.
„Не беше планирано да игра. Требаше да биде на клупата, но на крајот беше донесена одлука да стартува. Не сум баш сигурен какви би биле коментарите доколку стоперскиот пар беше Фабиано – Хоевер, веројатно некои паметни луѓе ке кажеа дека не го почитувам ова натпреварување“, рече Клоп, и додаде:
„Не ротирам затоа што тоа го сакав, туку затоа што морав. Последните три натпревари игравме со готово идентичен состав, па промените беа неминовни“.
Не е познато колку Деан Ловрен ќе биде надвор од теренот, но тоа поприлично ќе биде хендикеп за Ливерпул кој од расположливите стопери го има само Виргил ван Дајк, не сметајќи ги младите фудбалери кои немаат големо искуство.
Ливерпул натпреварувањето во Премиер лигата го продолжува на гостувањето кај Брајтон, а тој натпревар се игра во сабота.