Фудбал
Лацио ги уплати парите од трансферот во погрешен клуб
Бизарна грешка направија луѓето од сметководството на Лацио.
Тие успеаја да ги исплатат парите за фудбалерот Педро Нет на сметка на погрешен клуб, па во два наврати му платија сума од 11 милиони евра на Спортинг Лисабон наместо на Спортинг Брага.
Во 2017 година, Лацио го донесе Педро Нето на двегодишна позајмица со задолжителна обврска за купување. Загарантираната сума беше 12 милиони евра со можност бројката за трансфер да се искачи на 17 милиони.
Сепак, освен грешката во плаќањето, апсолутно ништо не се согласува во овој трансфер. Документите кои ги има Лацио велат дека биле платени 11 милиони евра (еден милион помалку од договорената бројка), додека документите за трансфери во Брага покажуваат дека биле платени „само“ 9,5 милиони евра.
Генералниот секретар на Лацио, Армандо Калвери ја призна грешката на клубот во врска со неточни плаќања.
„Само сакам да објаснам дека Лацио ги купи Педро Нето и Бруно Жордао од Спортинг Брага, а не од Спортинг Лисабон. За жал, нашите луѓе од финансискиот дел направија грешка поради слични имиња“, рече тој.
Тој исто така тврди дека нема незаконски дејствија, иако бројките во клубовите не се согласуваат.
„Сите податоци околу трансферот се пријавени во ФИФА, која ги штити финансиските трансакции меѓу клубовите“, рече тој.
Португалскиот клуб само објави дека сè е направено правилно, освен грешката при исплатата што ја направи Лацио. Грешката беше исправена, а Брага објави дека добиле вкупно 17 милиони евра за Нет и 8,5 милиони евра за Жордао.
Во меѓувреме, Лацио го продаде Нето на Вулверхемптон за над 20 милиони евра, а и Жордао заврши во истиот клуб.