Connect with us

Фудбал

Легендата на Бока Јуниорс плачеше: „Мојот син почина, а на вратата се појави Диего Марадона“

Сигурно е дека Диего Армандо Марадона е најголемата ѕвезда која Бока Јуниорс ја имала, но во тој круг на легендарни играчи успеа да влезе и Мартин Палермо.

Легендарниот напаѓач речиси целата своја кариера ја мина во Бока Јуниорс за која одигра речиси 300 натпревари и успеа да постигне дури 142 гола и да забележи 35 асистенции и остана миленик на навивачите на овој клуб.

Палермо кариерата ја заврши во 2011 година во Бока Јуниорс и своевремено важеше за еден од најдобрите аргентински напаѓачи. Сепак, покрај големата конкуренција во аргентинската репрезентација, тој не доби вистинска шанса на врвот на кариерата, но кога најмалку очекуваше заигра на Светското првенство.

Меѓутоа, кога најмалку се надеваше, Марадона го исполни неговиот животен сон и заигра на Мундијалот за што вечно ќе му биде благодарен на еден од најдобрите играчи на сите времиња. На Светското првенство во Јужна Африка одигра натпревар против Грција, кој Аргентина го доби со 2:0, а Палермо влезе од клупата и успеа да постигне гол.

Палермо пред неколку дена гостуваше во подкаст каде зборуваше за својата кариера, а потоа го допре и Марадона.

Тој објасни каков однос има со Ел Пибе и колку овој човек го оставал без зборови со своите потези. Иако на почетокот мислеше дека Марадона баш и не го сака, сепак во најважните ситуации во животот го докажа спротивното.

„Кога го поминував најлошиот период во мојот живот, кога почина син ми, Диего се појави во болница да не посети. Тие работи никогаш не можат да се заборават. Ми рече дека е со мене и дека треба да се јавам за што и да ми треба“, вели Палермо и продолжува.

„Понекогаш ти треба само пријател кој е тука за тебе кога најмногу ти треба, иако не мислев дека Диего ми е пријател. Тој го докажа спротивното и беше таму кога најмногу ми требаше и најмалку го очекував од него“.

„Не можам да ви опишам колку ми значеше Диего. Тој ми овозможи да го одиграм моето прво Светско првенство на 36 години кога тоа никој не го очекуваше, дури ни јас. Сите велеа дека не ме сака , но сега знаете каква врска имавме. Изгубив навистина одличен пријател“.

Палермо призна дека смртта на Марадона пред две години длабоко го потресе, а тоа најдобро го покажаа неговите солзи во овој подкаст додека зборуваше за можеби најголемата фудбалска легенда.