Connect with us

Фудбал

Ливаковиќ е блиску до заминување од Динамо. Еве за колку пари треба да го пушти клубот

Доминик Ливаковиќ е на излезната врата од Динамо. Хрватскиот репрезентативен голман до крајот на зимскиот преоден рок би можел да замине во Виљареал, кој ја чека продажбата на Арнаут Данџума, а со парите од тој трансфер би го купил Ливаковиќ. Голманот на Динамо веќе подолго време сака да го напушти клубот, а најзаинтересиран моментално е шпанскиот прволигаш.

Шпанските медиуми пишуваат дека Динамо за својот голман ќе бара од 10 до 15 милиони евра, но вистината е дека ќе го пуштат за десет. Имено, Ливаковиќ има таква клаузула во договорот со Динамо, а штом дојде таква понуда Динамо мора да го ослободи Ливаковиќ. За него во претходните сезони беа заинтересирани некои француски клубови, а Милан се споменуваше пред година и пол кога Донарума замина во ПСЖ.

Сепак, Милан тоа лето го купи Мајк Маињан од Лил, а Ливаковиќ остана во Динамо, за кој одигра 262 натпревари откако пристигна од НК Загреб во август 2015 година за 625.000 евра. Доколку Ливаковиќ замине, тоа може да биде почеток на распадот на големата генерација на Динамо.

Мислав Оршиќ зимава веќе беше продаден на Саутемптон, а сега би можел да замине и Ливаковиќ. Аријан Адеми се поврзува со Валенсија, а стара е веста дека Бруно Петковиќ одамна сака да си замине. Ова сигурно нема да се случи зимава бидејќи Петковиќ се повреди, но неговото заминување може да се очекува на лето.