Фудбал
Ливерпул го сака „турскиот Меси“, а тој нема ништо против
Англиските медиуми пренесуваат дека Ливерпул во јануари би можело да го ангажира младиот турски фудбалер Абдулкадир Омур, кој претставува добар залак за во иднина.
Станува збор за млад играч од средниот ред кој дејствува по десната страна и има само 19 години и важи за еден од нај талентираните фудбалери во турската Суперлига.
Омур настапува за Трабзонспор и оваа сезона е стандарден во првата постава на овој клуб, иако е еден од најмладите првотимци. На 16 натпревари во турската Суперлига, Омур постигна два гола и четири асистенции.
Ливерпул е заинтересиран за Омур, а по се изгледа дека ни тој нема ништо против за премине во редовите на клубот од „Енфилд“
„Ливерпул е голем клуб, еден од најголемите на светот. Но, не е мое да зборува за понудите кои доаѓаат за мене. Тоа е работа на Трабзонспор, кој сигурно знае како треба да постапи. Што и да одлучат луѓето од клубот, јас тоа ќе го почитувам“, рече Абдулкадир Омур, кој во Турција го нарекуваат „турскиот Меси“.
Со Ливерпул оваа зима не се поврзуваат многу имиња, а причина за тоа е неодамнешната изјава на Јирген Клоп во која отворено призна дека носењето на дополнителни засилувања во јануари не е приоритет.
„Засилувања? Тоа секогаш е можно, посебно ако се случи нешто непредвидено. Среќен сум со тоа што го имаме, но никогаш не се знае. Имамен неколку натпревари пред нас, и додека можеме да реагираме, добро е. Ако се случи нешто драматично, ќе видиме какви опции имаме. Ако не се случи ништо, нема ништо да правиме“, кажа Клоп.
Сепак, Абдулкадир Омур би можело да биде исклучок затоа што овој млад играч би требало да биде играч за во иднина. Неговиот договор со Трабзонспор трае до 2022. година, а според Трансфермаркетот неговата вредност е 10 милиони евра.