Кошарка
„Македонската кошарка загуби великан“
Оливер Спасовски упати телеграма со сочувство до семејството на легендата на македонската кошарка – Благоја Георгиевски-Буштур, кој го загуби животот во трагична сообраќајна несреќа.
„Со загубата на великанот на македонската и на некогашната југословенска кошарка останува голема празнина зашто замина спортист и личност што беше пример и инспирација за младите спортисти и за развојот на спортот во нашата земја“, пишува премиерот Спасовски во пораката до семејството Георгиевски.
Воедно, Спасовски нагласува дека ништо нема да може да го надомести отсуството на таква личност, но ќе останат големите европски, светски и олимписки највисоки признанија со кои Благоја Георгиевски-Буштур беше наградуван за врвните остварувања во кошарката.
„Во овие моменти на жалост, од мое лично име и во име на Владата на Република Северна Македонија, дозволете да ви изразам искрено сочувство за големата загуба на вашето семејство и да ви упатам поддршка во овие тешки моменти“, пишува во телеграмата до семејството на Благоја Георгиевски-Буштур што ја испрати премиерот.