Connect with us

Други спортови

Македонските одбојкари победнички го отворија Европското првенство во Скопје

Македонската одбојкарска репрезентација со победа стартуваше на Европското првенство, откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ ја совлада Данска со 3-1 (22-25, 25-22, 25-19, 25-22) во рамки на 1. коло од групата Ц која се игра во Скопје.

До својата стартна победа на третиот настап на европските првенства македонските одбојкари дојдоа со пресврт во исцрпувачки и неизвесен натпревар кој траеше два и пол часа.

Првиот сет беше резултатски израмнет до 13-13, кога Данците направија серија од 4-0, задржувајќи ја предноста за водство од 1-0 во сетови.

Вториот сет влезе во неизвесна завршница (17-17), по што уследија два врзани поени на македонските одбојкари, кои ја искористија втората сет-топка и со идентични 25-22 го израмнија резултатот во сетови на 1-1.

Израмнувањето ја врати самодовербата во редовите на „црвено – жолтите“, кои фуриозно го отворија третиот сет во кој поведоа со 10-6. Иако Данците намалија на 10-9, играта на македонските одбојкари остана на високо ниво и по водството од 17-12 рутински го решија сетот во своја корист за предност во сетови од 2-1, а победата ја заверија во четвртиот сет кој, како и вториот, го решија во своја корист со 25-22.

Следен предизвик за избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ќе биде репрезентацијата на Црна Гора, в сабота, а ден подоцна е дуелот против Полска. Во завршните два дуели од групата Ц македонските одбојкари на 5 септември за противник ќе ја имаат Холандија, а ден подоцна против Чешка ќе ја заокружат групната фаза.