Connect with us

Фудбал

Макрон отиде во Катар за финалето, неговиот аргетински колега ќе гледа од дома

Францускиот претседател Емануел Макрон отпатува во Катар со сопругата Брижит и неколку фудбалски ѕвезди за да присуствува на финалниот натпревар на француската фудбалска репрезентација против селекцијата на Аргентина на Светското првенство, јави Франс прес.

Во авионот со Макрон беа и напаѓачот Кристофер Нкунку, кој е надвор од првенството поради повреда, како и поранешните интернационалци Ален Жире и Бруно Шејру, поранешниот интернационалец Лоре Булео и меѓународната судијка Стефани Фрапард.

Ним им се придружуваат боксерскиот шампион Брахим Аслум и џудистот Теди Рајнер, како и министерката за спорт Амели Одеа-Кастера.

Шефот на државата на патувањето покани и 18-годишно момче и 19-годишна девојка, кои се љубители на фудбалот и кои добиваат помош за детска заштита. На финалето ќе присуствуваат заедно со директорот на нивното училиште во Серги.

Макрон и останатите членови на таа делегација утре ќе бидат на официјалната трибина на стадионот во Доха, каде што ќе им се придружат светските шампиони Пол Погба и Н’Голо Канте и поранешниот европски првак Луис Хернандез.

Макрон веќе беше во Катар на полуфиналниот натпревар на Франција со Мароко во средата. Ова е негова втора посета на Катар во рок од три дена и покрај многуте контроверзи против оваа земја поврзани со организацијата на Светското првенство и нејзината вмешаност во корупциски скандал во Европскиот парламент.

Опозицијата во Франција остро го критикуваше првото од овие две патувања на Макрон и неговите зборови за добрата организација на Катар на Светското првенство, обвинувајќи го дека не ги земал предвид „еколошките и човечките последици од натпреварувањето“.

Во исто време, претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез најави дека нема да патува во Катар за да присуствува на финалето на Аргентинците против Французите, пренесе Франс прес.

„Како и милиони мои сонародници, ќе уживам во финалето на Светското првенство дома“, напиша претседателот на Твитер. „Ќе го живеам овој фантастичен момент, како и досега, со семејството“, додаде тој. Фернандез потсети дека на теренот ќе бидат најдобрите аргентински фудбалери, а на трибините во Катар ќе бидат најдобрите аргентински поддржувачи на националниот тим.

Покрај тоа, Фернандез навести и дека нема да оди во Катар за да не донесе пех на тимот. Претходникот на Фернандез, Маурицио Макри, присуствуваше на неколку натпревари во Катар, вклучувајќи го и поразот на Аргентина од Саудиска Арабија со 2-1, и беше обвинет за лоша среќа. Но, овие обвинувања беа неосновани, бидејќи Аргентинците после тоа не престанаа да победуваат.

Во четвртокот, Макрон и Фернандез разменија пријателски твитови како што се приближуваше финалето. Фернандез му посака се најдобро на Макрон, освен во недела, а Макрон му напиша дека едниот од двајцата ќе има поголеми шанси од другиот, но кој ќе биде ќе биде јасно во недела.