Фудбал
Малдини: Знаевме дека ќе се соочиме со тешкотии
Паоло Малдини ја коментираше алармантната состојба во Милан. Спортскиот директор на „росонерите“ стои зад тренерот, велејќи дека му треба малку повеќе време, иако навивачите сакаат Џампаоло да биде отпуштен. Еве ја изјавата на Малдини за „Скај Спорт“.
„Го избравме тренерот и ќе стоиме зад него, фер е да му дадеме некое време. Знаевме дека ќе се соочиме со тешкотии, иако не очекувавме да бидеме поразени на четири од првите шест натпревари, но и квалитетот на фудбалот кој е прикажан не е задоволителен.
Во моментот може да изгледа како да сме во тунел, без светлина, но како што рече тренерот, напорната работа ве вади од тунелот. Дефинитивно ова е вина на играчите, на клубот, на тренерот, на сите.
Мислам дека навивачите имаат право на протест. Се одиграа само шест кола, ништо не е изгубено. Знаеме дека во фудбалот ситуацијата може да се промени веднаш. Она што најмногу ме мачи е што видовме влошување од натпреварот против Торино.
Чудно е бидејќи игравме навистина добро во текот на предсезоната. Тешко е да се објасни овој огромен пад за три дена. Овој дрес има голема историја и некои играчи се многу млади, сè уште не можат да ја разберат нејзината историја“.