Connect with us

Фудбал

Мбапе на насловната страна на угледната „Марка“, следната недела следува потпис

Угледната Марка во саботното печатено издание ја донесе големата вест дека работата околу француската ѕвезда е завршена. Шпанскиот весник на насловната откри дека Мбапе од следната сезона ќе го носи дресот на Реал Мадрид!

По неуспешната офанзива минатото лето и бројните одбиени понуди од Насер Ал-Келаифи, Перез конечно ќе го добие она што го сака.

Во последните денови преговорите меѓу Реал и Мбапе станаа интензивни и сите укажуваат дека зделката ќе биде завршена пред петок.

Реал цело време покажуваше почит и се држеше до формалностите, па ќе чека до крајот на сезоната за да го официјализира трансферот.

Само за потписот Мбапе ќе добие меѓу 60 и 80 милиони евра, а неговата нето плата во Мадрид ќе биде околу 25 милиони евра.

ПСЖ во изминатите недели направи се за да го задржи во Париз со различни понуди, но Мбапе реши да го исполни својот детски сон и да заигра во дресот на „Кралевите“.