Фудбал
Меси одговори на прашањето дали ќе успеел и како играч на Стоук
Поголемиот дел од фудбалските критичари најмногу му замеруваат на најголемата ѕвезда во дресот на каталонскиот гигант Барселона, Лионел Меси, што целата своја кариера ја помина на “Ноу Камп” и што не се има докажано во некој послаб клуб или во некоја потешка фудбалска лига. Аргентинскиот интернационалец од 2001 година е дел од Барселона, во чии дрес има одиграно 650 натпревари на кои постигна 566 погодоци.

Одвреме-навреме се пласираат најразлични информации дека Меси сака да ја промени клупската средина, а најмногу се збореше во 2016 година кога наводно Пеп Гвардиола посакал да го донесе во редовите на Манчестер Сити. Сепак, таквата амбиција на трофејниот стручњак не вроди со плод.
Во тоа време, но и претходно, англиските аналитичари постојано го повторуваа омиленото прашање на Островот: “Дали Меси ќе бил успешен и по дождот и студот во Стоук?”.
На тој начин Англичаните сугерираа дека шпанската Примера дивизион е полесна за играње во споредба со Премиер лигата каде има тешки и незгодни гостувања, а Стоук беше едно од неколкуте.
Во последното интервју кое го даде за шпанските медиуми Меси одговори и на прашањето дали ќе успеел како играч и во дресот на Стоук.
- Дали би успеал и во Стоук? Би било убаво тие да видат јас на какви фудбалски терени имам играно во родниот Росарио, а и таму бев доволно добар, изјави Меси.