Фудбал
Милевски: Да ги завршиме квалификациите се добри игри и по можност со две победи
Скопје, 4 ноември 2020 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација до 21 година на 12 ноември против Израел и на 17 ноември против Црна Гора ќе ги одигра двата последни натпревари од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2021. Селекторот Благоја Милевски најави игра на победа на двата меча.
– Сметам дека е многу важно да ги заокружиме овие квалификации со натпревари во кои ќе прикажеме добра игра и секако ќе бараме победа. Впечатокот е дека направивме одлична селекција, играме квалитетен циклус, се надевам дека во таа насока и ќе завршиме, а ќе видиме што ќе ни донесе тоа на крај. Голем дел од фудбалерите веќе потврдија дека имаат потенцијал за А репрезентацијата, а тоа значи дека сме направиле добра работа, изјави Благоја Милевски за веб-страницата на ФФМ.
Македонската репрезентација е на второто место во Групата-6 со 14 бода. Лидер е Шпанија со 22 бода, Израел има 12 на третото место, Казахстан е четврти со 10, Црна Гора е петта со седум освоени бодови. Последен е Фарски Острови со шест бода. зс/