Фудбал
„Модерна Југославија би била меѓу најсилните во светот“
Британскиот спортски сајт „givemesport.com“ е само еден од низата од оние кои се занимаваа со тоа како би изгледал тимот на поранешна Југославија во овој момент, односно кои се идеалните 11.
За тоа колку авторите на написот веруваат во квалитетот на играчите од нашите простори доволно говори и насловот на статијата „Модерна Југославија би била една од најсилните репрезентации во светот“, но за жал во овој идеален тим нема ниту еден Македонец.
„Балканот отсекогаш бил почва за големи фудбалери. Лука Модриќ, Иван Перишиќ и Матео Ковачиќ, кои се родени на источниот брег на Јадранското Море, ја предводеа Хрватска до среброто на СП 2018 година. Легендарниот успех на Црвена Звезда во 1991 година и актуелните фудбалери од Балканот, кои масовно играат во петте најсилни европски лиги, се доказ дека во земјите од поранешна Југославија се раѓаат неверојатни таленти“, пишува британскиот сајт.
Во идеалниот тим на поранешна Југославија сега би биле: Јан Облак (Словенија), Никола Миленковиќ (Србија), Стефан Савиќ (Црна Гора), Јошко Гвардиол (Хрватска), Марсело Брозовиќ (Хрватска), Душан Тадиќ (Србија), Лука Модриќ ( Хрватска), Матео Ковачиќ (Хрватска), Иван Перишиќ (Хрватска), Сергеј Милинковиќ-Савиќ (Србија), Душан Влаховиќ (Србија).
Останува само да погодиме до кои височини би можела да достигне оваа селекција и со кој тренер. Нема сомнеж, Британците беа во право кога изјавија дека тоа ќе биде една од најмоќните репрезентации во светот.