Фудбал
Модриќ: Чекавме десет години. Секогаш бевме блиску, сега успеавме
Лука Модриќ, кој со Реал Мадрид во средата се пласираше во финалето на Купот на Шпанија, изјави дека со години бил елиминиран во полуфиналето и претходните фази од тоа натпреварување, па затоа е среќен што ќе има можност да го подигне трофејот во Мај. Реал Мадрид во средата ја победи Барселона со 4:0, надоместувајќи го поразот од 1:0 во првиот натпревар. Со ова тој влезе во финалето на купот за прв пат по 2014 година кога го крена трофејот.
„Секогаш бевме блиску, но финалето некако секогаш ни бегаше, понекогаш и полуфиналето. Никогаш не успеавме да влеземе во финалето и еве сме сега, по речиси десет години. Многу сме среќни и горди на себе за игра во Барселона“, рече 37-годишниот Модриќ, кој со Реал Мадрид освои вкупно 22 трофеи откако пристигна таму во летото 2012 година.
Реал Мадрид на 6 мај ќе го игра финалето од Купот на Шпанија во Севиља против Осасуна. Реал оваа сезона веќе го освои Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство, а во среда во четвртфиналето од Лигата на шампионите ќе се соочи со борбениот Челзи. Во првенството, пак, заостануваат 12 бода зад лидерот Барселона, а од нив загубија и во финалето на шпанскиот Суперкуп.
Договорот на Модриќ истекува на 30 јуни и веќе подолго време се шпекулира дали ќе го продолжи. Неговиот сосед од северот на Мадрид, поранешниот напаѓач на Реал, Предраг Мијатовиќ, е убеден дека раководството на клубот ќе му го продолжи договорот на дополнителна година.
„Лука ми изгледа многу мотивиран, како да нема освоено ништо во овие десет години. Верувам дека ќе го продолжи договорот, ќе остане уште една година. Не очекувам многу проблеми со тоа. Клубот го знае тоа, Лука сака да остане, па верувам дека ќе биде така“, изјави 54-годишната Мијатовиќ за радио станицата Кадена СЕР.