Connect with us

Кошарка

МВР со детали за синоќешниот инцидент во Чаир: Не бил навивач, туку лице вработено во клубот нападнал кошаркар на Работнички (ВИДЕО)

МВР го потврди синоќешниот инцидент во Чаир, на кошаркарскиот меч помеѓу истоимената домашна екипа и тимот на Работнички. Имено, во 6-тата минута од втората четвртина, лице влета на паркетот и го нападна кошаркарот на гостите Ерик Нотиџ, откако претходно настана мала вербална расправија помеѓу играчите на двата тима. Сепак, како што вели МВР, лицето не било навивач на Чаир, туку вработен во овој клуб како фоторепортер.
Во соопштението на МВР се вели:

На 11.12.2022 во 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска сала „Шабан Трстена“ на подрачје на Чаир, за време на одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу КК „Чаир“ и КК „Работнички“, вработен како фоторепортер во кошаркарскиот клуб „Чаир“ влегол на теренот и физички нападнал кошаркар на гостинскиот клуб. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Се огласија и од КК Чаир

Почитувани љубители на спортот.

Ние како клуб најостро го осудуваме вчерашниот инцидент помеѓу нашиот клуб КК Чаир 2030 и КК Работнички. Исто така жалиме за таа супер атмосфера која на крајот заврши на најлош можен начин. Овој супер добро организиран настан, на кој публиката беше на највисоко ниво со супер фер и коректна атмосфера, остана во сенка на инцидент инициран од ПОСЕБЕН ПОЕДИНЕЦ. Ние како клуб им се извинуваме на сите наши љубители на спортот, на КФСМ (Кошаркарската федерација на Северна Македонија) и противничкиот клуб. Како клуб ве уверуваме дека вакви инциденти нема да се повторат и немаат повеќе место во нашата куќа, реконструираната сала “Шабан Трстена““, напишаа од клубот.

Инаку, теренот на Чаир 2030 е суспендиран и веројатно дополнително клубот организатор ќе сноси последици од изречените казни.