Фудбал
Над 80 илјади Хрвати ја пречекаа фудбалската репрезентација
Десетици илјади навивачи ја пречекаа хрватската фудбалска репрезентација на главниот плоштад во Загреб, јави ХРТ.
Љубителите на фудбалот синоќа ја чекаа репрезентацијата „вооружени“ со знамиња, капи, шалови и секакви други додатоци на црвено-белите квадрати. Оваа година Хрватска се бореше за бронза, но нивниот дочек во Загреб не беше ништо помалку спектакуларен од 2018 година, кога завршија на второто место на Светското првенство во фудбал.
Сите репрезентативци излегоа на централната сцена, подигнати на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ, а капитенот Лука Модриќ доби најголеми овации.
„Им честитам на Загреб и на цела Хрватска. По четири и пол години, еве сме повторно. Сакавме да го донесеме златото, но и бронзата е големо достигнување, а вашето доаѓање овде го покажува тоа. Уверен сум дека Хрватска во иднина ќе биде светски првак“, изјави Модриќ пред насобраните луѓе на плоштадот.