Connect with us

Фудбал

Навивач загина по масовната тепачка меѓу навивачите на Блекпул и Барнли

Маж на возраст од околу 50 години починал по масовна тепачка во која учествувале навивачи пред паб во Блекпул, јавуваат британските медиуми. Во саботата, по натпреварот од Чемпионшип помеѓу Блекпул и Барнли, имаше масовна тепачка меѓу навивачите на ривалските клубови пред еден паб.

Навивачот на Блекпул, Тони Џонсон (55) во тепачката се здобил со сериозни повреди на главата и бил пренесен во локална болница. Тој почина во понеделникот откако го помина викендот на апарати за одржување во живот, потврди Блекпул.

Полицијата приведе 33-годишен маж кој е осомничен дека тешко го повредил Џонсон.

„ФК Блекпул е длабоко шокиран и тажен кога дозна дека нашиот симпатизер Тони Џонсон трагично го загуби животот“.

Полицијата отвори истрага и ги повика сведоците да излезат.

„Инцидентот се случи во фреквентна област и знаеме дека во тоа време имало многу луѓе кои го виделе целото или дел од тоа што се случило“, соопшти полицијата.

Се огласи и Барнли.

„Фудбалскиот клуб Барнли е шокиран и тажен од веста за смртта на поддржувач на Блекпул. Ги споделуваме нашите мисли и сочувство со неговото семејство, пријателите и сите во Блекпул“, велат од клубот.

Средбата помеѓу Блекпул и Барнли заврши без голови. Барнли води на табелата и е најголем кандидат за Премиер лигата, додека Блекпул е во зоната за испаѓање.