Фудбал
Не е само Флик, и Мирослав Клосе е во конфликт со Салихамиџиќ
Откако тренерот на Баерн, Ханси Флик јавно објави дека сака да го напушти тимот на Баерн на крајот од сезоната, и неговиот асистент Мирослав Клосе го објави истото.
Легендарниот фудбалер, кој минатата година беше назначен за помошник на Флик во тимот на Баерн, тврди дека комуникацијата во Баерн е огромен проблем и затоа размислува да си замине.
Билд наведува дека Клосе е крајно разочаран од односот на Хасан Салихамиџиќ кон него и најави заминување.
„За мене не е проблем што клубот не разговараше со мене. Она што ме натера да размислувам за својата иднина е како луѓето овде комуницираат едни со други“, изјави Клосе за Билд.
Овој медиум тврди дека тензиите меѓу Салихамиџиќ и Клосе траат веќе некое време. Салихамиџиќ не беше задоволен од тоа како Мирослав се однесуваше кон неговиот син Ник додека го водеше тимот до 17 години.
Ник Салихамиџиќ поголемиот дел од времето го мина на клупата. Хасан многу му замери и нивните лоши односи продолжија дури и откако Клосе дојде во првиот тим.
Клосе е незадоволен што никој не му пришол да разговара за продолжување на соработката. Неговиот договор истекува во јуни оваа година и има многу шанси тој да го напушти клубот исто така.
Во својата тренерска кариера, Клосе имаше улога на асистент на Јоаким Лев на клупата на германската репрезентација, а потоа работеше со кадетскиот тим на Баерн. Тој доби шанса да научи од Флик во првиот тим, но се чини дека соработката траеше кратко.
Да потсетиме, Салихамиџиќ има лоши односи и со Флик. Изминатиов период многу се зборуваше за нивниот конфликт и на крајот тренерот реши да си замине.
Наводно, 56-годишниот стручњак е подготвен да се предомисли доколку Хасан добие отказ и ќе видиме што на крајот ќе одлучи управата на Баерн.
Клубот денес објави дека нема намера да го пушти Флик само така и тие рекоа дека разговорите ќе продолжат во наредниот период.