Connect with us

Фудбал

„Не можам да тренирам тим во земја чии лидери се одговорни за воена агресија“ – Германец ја напушти клупата на еден од руските гиганти

Русите ја започнаа инвазијата на Украина минатата недела, па војната трае веќе неколку дена, а за жал се уште нема индиции дека овој конфликт би можел наскоро да заврши.

Поради тоа Русија беше тешко погодена од санкции во сите спортови, а особено жестоки беа ФИФА и УЕФА кои ја исфрлија руската репрезентација од сите натпреварувања, но и клубовите од оваа земја.

Многу спортисти кои заработуваат во Русија решија да ги раскинат договорите со своите клубови и со тоа да покажат дека се против нападот на оваа земја врз Украина.

Ваков потег направи германскиот стручњак Маркус Гисдол кој по само четири месеци си замина од Локомотив Москва.

Гисдол имаше долгогодишен договор со рускиот клуб, но реши да ја прекине соработката поради се што се случуваше во Украина претходните денови.

„Не можам да ја практикувам мојата професија во земја чии лидери се одговорни за агресивната војна што се случува во Европа“, изјави Гисдол по напуштањето на клубот во Москва, додавајќи.

„Не можам да стојам на теренот во Москва, да тренирам играчи и да барам професионализам кога на неколку километри од нас се издаваат наредби за војна и страдање на тој народ. Затоа ја напуштам тренерската позиција на Локомотив и одлуката стапува во сила веднаш“, порача Гисдол.