Фудбал
Некој треба да го потсети Руни кој му ја овозможи блескавата кариера
Ексрепрезентативецот на Англија и сегашен член на Ди-Си јунајтед, Вејн Руни, го издвои најдобриот менаџер со кого соработувал во неговата кариера. Изборот, во најмала рака е чуден, бидејќи во поголемиот дел од кариерата играл под палката на сер Алекс Фергусон, но тој не е на врвот во неговиот избор.
Руни тврди дека Луис Ван Гал е тренерот од кој најмногу бил импресиониран. Тој смета дека начинот на работа на холандскиот стратег и деталното анализирање на секој сегмент од играта е нешто што го доживеал само со него, иако 13 години уживаше во успехот на Јунајтед под водство на сер Алекс.
„Ван Гал дефинитивно е најдобриот тренер со кого сум соработувал. Она што најмногу ме импресионираше кај него е деталната анализа на противникот, нашата игра, идеите да го извлече најдоброто од секој играч. Тој ми ги отвори очите, сега на многу поразличен начин го гледам фудбалот. Кога беше во Јунајтед му кажав дека не секој играч може да се навикне на неговиот начин на работа. Поминав убави денови со него и ми беше жал што соработката се заврши со лош крај“, истакна Руни.
Инаку, Руни како играч на Јунајтед освои вкупно 15 трофеи, од кои 12 беа во периодот кога Фергусон командуваше со Црвените ѓаволи. Најтрофејниот стратег на Остворот му ги отвори вратите на „Олд трафорд“ кога како тинејџер направи трансфер од редовите на Евертон во 2004 година. Со Ван Гал, стигна до трофеј во ФА Купот, а Холанѓанецот издржа нецели две сезони во Манчестер.
Токму поради овие работи, изборот на Руни е навистина чуден.