Фудбал
Николов: Да ја направиме Македонија повторно горда!
Бобан Николов најави дека Македонија е спремна и психички и физички за Европското првенство, на кое убеден е дека повторно нацијата ќе биде горда од настапот на фудбалската репрезентација,.
„Многу сме спремни и физички и психички! Спремни сме за нови докажувања, спремни сме Македонија пак да ја направиме горда, спремни сме да изгинеме за македонскиот дрес. Дојдовме тука максимално фокусирани за една цел и мислам дека пак ќе ја израдуваме македонската јавност и нема да зажали што нѐ поддржува“, вели Николов.
После историскиот пласман, а особено по епската победа над Германија уште поголем е притисокот за добро деби на црвено-жолтите на ЕП.
„Знаеме да се носиме со таа тежина, со тој притисок и многу пати тоа сме го покажале – кога било најтешко сме покажувале карактер. Оваа репрезентација има карактер, оваа репрезентација има сила и мислам дека цел Балкан ќе навива за Македонија. Се надевам дека нема да ги разочараме, а мислам дека сме доволно силни и искусни, а овој тим веќе шест години е заедно, сме поминувале и ни добри и низ лоши работи и ова Европско е шлагот на тортата на сите резултати што сме ги направиле“, посочува Николов.