Фудбал
Нојер „удри“ по раководството: На ваков однос не сум навикнат
Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер отворено го изрази незадоволството од раководството на клубот околу преговорите меѓу двете страни за новиот договор. Актуелниот на 34-годишниот Нојер истекува за една година и тој е во преговори за нов договор, но на почетокот од оваа недела во печатот се појавија детали за разговорите, што го налутија германскиот репрезентативец.
– Откако сум во Баерн, сите разговори беа доверливи. Ништо досега не излезе на виделина во медиумите. Но, сега деталите за тековните разговори постојано се појавуваат во печатот и честопати се неточни. Ова ме вознемирува. Не е нешто на што навикнав во Баерн, прокоментира Нојер.
Според најновите информации, голманот бара плата од 20 милиони евра по сезона и договор кој трае до 2025 година, додека Баварците се подготвени да му понудат договор до летото 2023 година.
Доколку преговорите не успеат, можно е Нојер да ја напушти „Алијанц Арената“ по скоро десет години и повеќе од 370 натпревари за Баварците, но желбата на голманот е да продолжи да игра за Баерн.