Connect with us

Фудбал

УЕФА се огласи со кус одговор за реакциите околу досудениот, па поништен пенал за Арсенал на мечот со Атлетико (ВИДЕО)

Фудбалерите на Атлетико Мадрид и Арсенал синоќа ремизираа во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, а резултатот беше 1:1.

Ремито на стадионот „Ванда Метрополитано“ остави сè отворено пред реваншот во Лондон, а натпреварот го одбележаа пеналите.

Досудени беа дури три пенали, од кои еден беше поништен по интервенција од ВАР собата, што ги разлути сите во Арсенал.

Судијата Дани Макели во финишот на натпреварот досуди пенал откако Давид Ханцко го нагази Еберечи Езе на стапалото и го собори во казнениот простор.

Следуваа жестоки протести од домашните, а потоа и повик од судиите во ВАР собата, по што беше поништена одлуката на холандскиот арбитер.

Во Арсенал и по натпреварот беа бесни поради одлуката, а на крајот мораше да се огласи и УЕФА, која даде кусо објаснување.

„Играчот на Атлетико со број 17 не направил прекршок врз противникот“, стои во изјавата на УЕФА, без никакви дополнителни појаснувања за процесот на донесување на одлуката и покрај големиот интерес на јавноста.

Од друга страна, во Арсенал сметаат дека е сосема јасно дека имало контакт меѓу двајцата играчи и дека Езе бил фаулиран.