Connect with us

Фудбал

Нов лик на фудбалскиот стадион „Под Тумбе Кафе“ во Битола

Битола, 16 октомври 2020 (МИА) – Фудбалскиот стадион „Под Тумбе Кафе“ во Битола добива нов лик, на Северната трибина се поставува покрив и се подготвува за прием на 4.500 гледачи.

Општина Битола, главен инвеститор во реконструкцијата на фудбалскиот стадион, процесот на обнова го интензивира, а наскоро со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија ќе бидат поставени рефлектори.

  • За реконструкција на фудбалскиот стадион и изградба на нова трибина вложивме 5,5 милиони евра. Сите средства за оваа инвестиција ги обезбеди локалната самоуправа, а со поддршка на фудбалската федерација, односно со поддршка на ФФМ наскоро ќе бидат поставени рефлектори. Новиот лик на фудбалскиот стадион под Тумбе Кафе е видлив, а напролет освен ФК „Пелистер“ ќе може да настапува и државната селекција, изјави за МИА, Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

Со обезбедените финансиски средства и решителноста на Општина Битола да го изгради фудбалскиот стадион во Битола, кој се именува според зоната каде се наоѓа, односно под Тумбе Кафе, градот ќе има ново спортско здание на местото каде во 1937 година е изграден првиот фудбалски стадион, а во 1980 година прв пат бил проширен со нова јужна трибина.

– Спортската јавност и посебно љубителите на фудбалот се во исчекување на квалитетни натпревари. Веруваме дека ќе биде надмината и ковид кризата, и дека повторно сите ќе се радуваме на успесите на ФК „Пелистер“ како во домашното првенство, така и на меѓународната фудбалска сцена за што градиме стадион со високи стандарди, истакна Груевски. мт/зс/