Connect with us

Фудбал

Нов светски првак ќе добиеме вечерва, Сити и Флуминенсе во битка за милиони

Фудбалерите на Манчестер Сити и бразилски Флуминенсе ќе одлучуваат кој е новиот светски клупски шампион на стадионот „Крал Абдула“ во Џеда.

Светското клупско првенство е при крај, а традиционално во финалето ќе играат најдобрите селекции од Европа и Јужна Америка. Манчестер Сити, шампионот на Стариот континент, важи за фаворит против освојувачот на Копа Либертадорес, Флуминенсе. Избраниците на Пеп Гвардиола немаа никакви проблеми во полуфиналето и го совладаа Јапонскиот тим Урава со 3:0. Од друга страна, Флуминенсе беше подобар од египетскиот Ал Ахли со 2:0. На овој натпревар Манчестер Сити ќе настапи без двајцата од најдобрите фудбалери и најголеми ѕвезди, повредените Кевин де Брујн и Ерлинг Халанд. Убиственото дуо, поточно, се опоравија од повредите, но немаат право на настап поради правилата на ФИФА.

Имено, ФИФА не дозволува играчи кои не биле пријавени за полуфинале да играат во финалето. Вака се разочараа навивачите на Сити кои нетрпеливо ги чекаа враќањата на Де Брујн и Халанд. Победникот од вечерашното финале ќе заработи вистинско богатство. Новиот клупски светски шампион ќе добие 4,65 милиони евра, додека поразениот ќе земе дома 3,5 милиони евра. Натпреварот меѓу Манчестер Сити и Флуминенсе се игра вечерва од 19 часот на стадионот „Крал Абдула“ во Џеда, Саудиска Арабија.