Фудбал
Одлични вести за Чави, Барса најсилна од почетокот на 2023 година
Најдобриот дефанзивец на Барселона Роналд Араухо се опорави по тримесечна пауза и им се врати на целосните тренинзи.
Уругваецот отпатува и со репрезентацијата на Мундијалот, планот беше можеби да биде на располагање во елиминациската фаза, но Уругвај испадна во групата.
Араухо набрзо се врати во Барселона, ја заврши последната фаза на опоравување и денеска тренираше без проблеми со остатокот од тимот, прв од средината на септември.
Ова е уште една во низата добри вести за Чави Ернандез, откако Ектор Белерин и Серхи Роберто се опоравија на паузата, а ниту еден играч на Барса не се повреди за време на Мундијалот.
Единствената лоша вест, но веќе позната, е суспензијата на Роберт Левандовски, кој ќе пропушти три првенствени натпревари против Еспањол, Атлетико Мадрид и Хетафе, но ќе биде достапен за Суперкупот на Шпанија, кој се игра во Ријад од 11 до 15 јануари.
Се на се, Чави во Новата година ќе влезе со најсилниот тим, што е одлична вест ако се потсетиме колку беше осакатена Барса во текот на октомври и ноември, што се одрази на негативните резултати, особено во Лигата на шампионите.
Првиот официјален натпревар Барса го игра на 31 декември од 14 часот против Еспањол на Камп Ноу.