Connect with us

Фудбал

Пандев: Интер ме побара во јануари, мислев дека е шега!

Македонскиот најдобар фудбалер Горан Пандев во интервју за Скај Спортс ги откри неговите планови и желби поврзани со неговата кариера. Како што вели тој, желбата е да игра до 2021 година, а врв на кариерата би бил пласман со Македонија на Европско првенство.

Тоа не е невозможно ако се знае дека Македонија игра полуфинале од плејофот во Лигата на нации против Косово, а потоа доколу победи финале со подобриот од дуелот Белорусија или Грузија.

-Би сакал да продолжам уште една година, затоа што мојот сон е да ја завршам кариерата со Европско првенство со репрезентацијата, кое е одложено. На почетокот на оваа сезона размислував за пензионирање, но потоа дојде пандемијата со коронавирусот, која ќе смени се’. Се надевам дека ќе се вратиме во нормала што е можно поскоро, вели Пандев.

Но, Пандев зборуваше и за други работи. Во интервјуто ги потврди информациите кои се појавија во јануари, на крајот од зимскиот преоден рок во Италија, кога се пишуваше дека Интер сака да го врати во своите редови.

-Интер е се’ за мене, тоа е клубот што ме донесе во Италија и со кој освоив се. Но, разговаравме со семејството и одлуката беше јасна. Кога ме контактираа за помош мислев дека се шегуваат со мене. Јас одговорив: Одберете некој помлад, вели Пандев, на кој, освен што ќе игра, по пензионирањето му била понудена и друга улога во клубот.

Што се однесува до иднината, тој вели дека не сака да биде тренер. Можеби, извршен директор или да работи со младите таленти, пред се во Македонија.