Connect with us

Фудбал

Пенал, пресврти, шест голови и шок за Милан во финишот на мечот (ВИДЕО)

Фудбалерите на Милан ремизираа 3:3 на домашен терен со Џенова во 35. коло од италијанската Серија А.

Публиката на Сан Сиро можеше да биде сведок на многу ефикасна игра, но не можеше да биде задоволна од конечниот исход бидејќи избраниците на Стефано Пиоли го загубија водството на крајот од мечот.

Се започна со шок за домашните навивачи бидејќи судијата Пронтера досуди пенал за Џенова по прекршокот на Томори.

Новопечениот италијански репрезентативец Матео Ретеги во петтата минута прецизно погоди од пенал.

Милан мораше да тргне во тотална офанзива, се создаваа можности една по друга, па промашија Пулишиќ, Леао и Ернандез.

Се до 45. минута кога Алесандро Флоренци го искористи центаршутот на Чуквуезе и го израмни резултатот.

Второто полувреме започна слично како и првото – со новото водство на Џенова донесено на „Грифоните“ од Калеб Екубан по одличното додавање на Вољац веќе во 48. минута.

Следуваше нова офанзива на „росонерите“, голот на Чуквуезе беше поништен поради офсајд, а ударот на Ернандез го одбрани Мартинез.

Шпанецот, пак, беше немоќен во 72. минута кога Матео Габија беше највисок во скокот по корнер на Флореници.

Три минути подоцна, Оливие Жиру целосно го сврте резултатот кога прекрасно ја фати топката по додавањето на Пулишиќ и ја затресе мрежата на Џенова.

Избраниците на Алберто Џилардино, поранешен фудбалер на Милан, не се предаваа, а таквиот пристап вроди со плод во 87. минута кога израмнија по ударот на Ретеги кој се одби од Тиао за конечни 3:3.