Фудбал
Пеп: Де Брујн е легенда на Сити; Клоп: Непотребни голови
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола беше презадоволен од победата на неговиот тим над Ливерпул од 3:2 во Лига купот.
Тоа е прв триумф на Граѓаните над голем ривал по пет натпревари и повеќе од година и пол.
„Со оглед на тоа што ова беше прв натпревар по паузата, двете екипи одиграа на неверојатно високо ниво. Ливерпул е најтешкиот противник – кога играат како што знаат, можат да те уништат. Нивната одбранбена структура е најтешката работа со која сум се соочил во кариерата. Беше добро, беше забавно. Секоја чест за играчите“, рече Гвардиола и додаде:
„Кевин де Брујн имаше толку многу оган во себе… Колку години има тој овде? Седум, осум… Тој е клупска легенда. Секогаш го терам да го најде огнот во себе. Многу добар беше и Кол Палмер, особено во првото полувреме. Рико Луис? Имаме неверојатна среќа што го имаме тој човек во следната деценија. Извонреден потенцијал“.
Од друга страна, менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп не беше премногу разочаран.
„Моравме да ја смениме формацијата, да се адаптираме. Сте виделе се, требаше време да се навикнете. Во првите 15 минути имавме сериозни проблеми, тоа ни ја уби самодовербата. Головите што ги примивме беа сосема непотребни. Имаше добри периоди, но моравме да постигнеме уште еден гол. Она што е таму е, ова е резултатот со кој треба да живееме. Беше одличен натпревар, игравме против еден од најдобрите тимови во светот“, изјави германскиот стручњак.
Сити следната среда гостува кај Лидс во Премиер лигата, додека „црвените“ продолжението на првенството го очекуваат веќе во понеделник, во Бирмингем против Астон Вила.