Фудбал
„Покер“ на Барселона против Билбао, Дембеле како препороден (ВИДЕО)
Фудбалерите на Барселона ја заокружија одличната недела со победа од 4:0 на домашен терен против Атлетик Билбао во натпреварот од 26. коло на шпанската Ла Лига.
Првиот обид во игра го имаше Гави во 18. минута, но топката отиде далеку над голот, а во 32. минута се обиде и Ферен Торес, но овојпат се истакна голманот на Атлетик.
Голот висеше во воздух, особено кога Жерар Пике ја погоди гредата по корнер во 37. минута, но набргу потоа Пјер-Емерик Обамејанг и донесе водство на Барселона.
Габонецот одлично се снајде и умешно ја смести топката зад грбот на голманот на гостите.
Торес ја имаше најдобрата шанса за Барселона во вториот дел, по катастрофалната грешка на еден од гостинските играчи, но неговиот удар од одлична позиција го спречи голманот на Атлетик.
Се беше решено во 73. минута по мајсторијата на Усман Дембеле, кој со карактеристичен удар од страна ја затресе мрежата на Атлетик, постигнувајќи го првиот сезонски гол во Примера.
Сепак, головите не застанаа тука, бидејќи во 90. минута стрелец беше Лук де Јонг на асистенција на Дембеле. Французинот центрираше, а Холанѓанецот со глава го совлада голманот на Атлетик.
Вреди да се напомене дека во акцијата учествуваше и извонредниот Педри, кој ги покажа своите раскошни вештини со топката.
Барселона го заокружи „покерот“ со голот на Мемфис Депај во четвртата минута од продолжението, повторно на асистенција на Дембеле.
Барселона со оваа победа заостанува само еден бод зад третопласираниот Бетис, кој претходно денеска беше поразен во градското дерби против Севилја, додека Атлетик го забележа вториот пораз во последните две недели и сега е се подалеку од местото кое води кон Европа.