Connect with us

Фудбал

Поранешниот адвокат на Граѓаните: „Сити мора да биде исфрлен од лигата“

Англискиот фудбал во понеделникот беше потресен од обвинувањата против Манчестер Сити, кој е обвинет за финансиски малверзации што може да резултира со висока казна.

Откако четиригодишната истрага покажа дека клубот од „Етихад“ го прекршил финансискиот фер-плеј, почнаа шпекулациите за казната што може да ги снајде популарните „граѓани“, а една од нив е дури и исфрлање од Премиер лигата.

Граѓаните се обвинети дека не дале точни финансиски информации во деветгодишниот период (од 2009 до 2018 година), пред се за приходите на клубот, поврзаните страни и трошоците за работа.

Тие, исто така, наводно не успеале целосно да ги обелоденат трошоците за управување за период од четири години.

Во минатото поради слични прекршоци тој веќе беше финансиски санкциониран од УЕФА со 30.000.000 евра и забрана за настап во европските купови. Сепак, на крајот англискиот шампион плати само 10.000.000 евра, бидејќи Спортскиот суд во Лозана ја укина пресудата.

Сега се шпекулира дека овојпат нема да има прошка и дека би можела да следи тешка казна за клубот кој со години доминира во Англија.

Истиот став го има и Стефан Борнсон, поранешен член на адвокатскиот тим на Сити, кој истакна дека доколку се потврди вината на Сити, тоа би можело да го чини клубот исфрлање од Премиер лигата.

„Обвинувањата од Премиер лигата против клубот, доколку се докажат, мора да резултираат со исклучување од лигата. Сити за ова сигурно ќе ангажира 50 адвокати, но и Премиер лигата. Во овој случај Сити нема предност во однос на лигата“, напиша Борнсон и додаде:

„Ваков случај е преголем за сегашниот правен тим од Премиер лигата и нема шанси целиот процес брзо да заврши. Претпоставувам дека ќе поминат години и години додека да се донесе конечна одлука за овој случај, но очекувам тешка казна“, изјави Борнсон.