Connect with us

Други спортови

Познати сите финалисти за новиот формат на „Дејвис купот“

По одигрувањето на квалификациите, станаа јасни сите тимови кои ќе учествуваат во завршницата на новиот формат на „Дејвис купот“.

Австралија, Белгија, Канада, Чиле, Колумбија, Германија, Италија, Јапонија, Казахстан, Холандија, Русија и Србија запишаа победи во директните елиминации и ќе се борат за трофејот во завршницата, што ќе се одржи во Мадрид меѓу 18 и 24 ноември.

12-те земји се приклучуваат на минатогодишните полуфиналисти Хрватска, Франција, Шпанија и САД, како и двата тима, кои добија вајлд карта – Аргентина и Велика Британија.

Меѓу најспорните натпревари во квалификациите беа оние меѓу Србија и Казахстан, каде Филип Краиновиќ го освои одлучувачкиот петти натпревар против Санџар Фазиев, Канада и Словачка, каде победите на Денис Шаповалов и Филикс Оже-Алиасаме донесоа пресврт од 1-2 до 3-2 за тимот од Северна Америка и азискиот судир меѓу Јапонија и Кина, решен од победа на Таро Даниел во решавачкиот натпревар.

Осумнаесетте финалисти ќе бидат распределени во шест групи по три екипи, а за четвртфиналето ќе се квалификуваат победниците во одделните групи и двата најдобри тима кои завршиле на второто место.