Connect with us

Фудбал

Првиот голман пристигнува, Македонија се комплетира пред ЕП

Единствен кој не доби дозвола порано да замине од клубот беше Столе Димитриевски. Димитриевски денеска пристигнува во Скопје од Шпанија, последен приклучувајќи се на репрезентацијата поради обврските во Рајо Ваљекано.

„Столе беше стандарден во Рајо Ваљекано на повеќе од 90% од натпреварите сезонава. Клубот си го задржи правото бидејќи УЕФА-прозорецот почнува од денеска… И нивниот тренер беше свесен дека Димитриевски мора денеска да се појави во репрезентативната база, и затоа вчера во последното коло од првенството пред плеј-оф разигрувањето мораше да проба со вториот голман“ – истакна селекторот Игор Ангеловски на денешната прес-конференција пред утрешниот натпревар со Словенија на арената „Тодор Проески“.

Рајо Ваљекано ќе игра плеј-оф за пласман во Примера, а веќе неколку натпревари на голот беше Лука Зидан кој се подготвуваше за разигрувањето. Ниту тоа не го смени мислењето на тренерот кој го задржа Димитриевски до последниот момент во клубот.

Димитриевски е нашиот прв голман, ја има целосната доверба на селекторот Ангеловски, а можеби ќе го прескокне првиот тест со Словенија.