Фудбал
ПСЖ го осуди учеството на своите навивачи во тепачката во Келн
Францускиот шампион Пари Сен Жермен најостро го осуди насилството на трибините пред почетокот на натпреварот Ница-Келн во Конференциската лига, бидејќи медиумите објавија дека во тепачката учествувале и навивачи на тимот од Париз.
Натпреварот меѓу Ница и Келн доцнеше речиси еден час поради жестоки судири меѓу француските и германските навивачи на трибините.
Нередите започнале кога германски хулигани излегле од нивниот сектор и ги нападнале домашните навивачи и полицијата. На гостинските навивачи им се придружија и хулиганите на ПСЖ. Во нередите се повредени 32 лица, а четворица завршиле во болница.
„Пари Сен Жермен најостро го осудува насилството на натпреварот меѓу Ница и Келн. Повеќе од една деценија, ПСЖ е еден од најпосветените клубови за искоренување на насилството на фудбалските стадиони“, велат од Паркот на принцовите.
ПСЖ објави дека групата „Supras Auteuil“, која учествувала во нередите, била распуштена во април 2010 година и дека нејзините поранешни членови не се препознаваат како навивачи на Пари Сен Жермен. Тие добија забрана за влез на стадионот.
Клубот потсетува дека ги признава само навивачките организации кои имаат потпишан договор за правата и должностите на навивачите со цел да се гарантираат оптимални услови во неговиот затворен простор и за време на патувањето.