Фудбал
Рашфорд едвај чека да заигра со Кавани
Манчестер, 17 октомври 2020 (МИА) – Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд предвидува дека новото засилување во нападот на тимот Единсон Кавани ќе им помогне на „црвените ѓаволи“ оваа сезона.
Искусниот Уругваец дојде како слободен агент на последниот ден од преодниот рок и нема да може да дебитира вечерва против Њукасл поради задолжителниот двонеделен карантин, но тоа ќе може да го стори против неговиот поранешен клуб ПСЖ во Лигата на шампионите оваа недела.
– Со нетрпение очекувам да играм со Кавани. Се надевам дека тој ќе постигне многу голови за нас, бидејќи може да ни помогне да победуваме на натпревари и да совојуваме поени. Тој ќе биде од големо значење за нас оваа сезона. Да освоите два или три трофеи во една сезона, потребен ви е широк состав, не можете да го направите тоа без три или четири напаѓачи во тимот. Јунајтед отсекогаш имал четири или пет добри напаѓачи кои можат да постигнат гол во секое време. Сега сме поблиску до тоа, ќе бидеме посилни, рече Рашфорд.
Манчестер јунајтед гостува кај Њукасл вечерва во 21:00 часот по македонско време.